Додека во Вилнус се разговара за аспирациите на Украина во НАТО, продолжуваат руските напади
И додека во Вилнус се разговара за аспирациите на Украина во НАТО, во земјата продолжуваат нападите, мета Одеса и Киев. Трае загриженоста околу нуклеарката Запорожје.

Пред почетокот на самитот на НАТО во Вилнус, утрински напад на Русија врз Украина. Киев соопшти дека бил извршен со 28 ирански дронови – мета биле Одеса и главниот град. Повеќето беспилотни летала биле соборени, но две погодиле управна зграда на пристаништето. Украинците тврдат дека нивната контраофанзива напредува во регионот на Бахмут, руските извештаи, пак, велат дека силите на Москва го спречиле напредокот на Украина на исток и југ.
„Земаме јуришна пушка од четири килограми. Оклоп – осум. Имаме и комплет за прва помош“, рече украински војник.
„Спакував половина цинк муниција, две шишиња вода и храна за најмалку два дена“, рече украински војник.
„Подготвуваме напад“, вели украински војник.
Грижите околу нуклеарката во Запорожје сè уште присутни. Според украинскиот министер за енергетика, Русија не познава црвени линии.
„По Каховка, единствената алатка што сè уште ја имаат е Запорожје. Веќе ја минираа браната, која е во близина на базенот за ладење и тоа е секако опасноста бидејќи по ситуацијата со Каховка, од овој терористички напад на Каховка, на станицата има само една вода што може да се користи“, изјави Херман Халушченко, министер за енергетика на Украина.
Москва соопшти дека внимателно го следи самитот во Вилнус. Кремљ предупреди дека евентуалниот влез на Украина во НАТО е многу опасно за европската безбедност.
Русија смета дека најавите за зголемување на испораката на оружје за Киев се јасен показател дека САД не се заинтересирани за дипломатско решение, и предупреди дека ако војната ескалира, Европа прва ќе се соочи со катастрофални последици.
Марина Ристова
