Литванија

Самит на Алијансата во Вилнус

11.07.2023 14:08

Проширувањето на НАТО со Шведска, зголемена соработка со Украина и засилување на вложувањата во одбраната на земјите-членки се одлуките коишто сојузниците ги донесоа на првиот ден од Самитот...

Проширувањето на НАТО со Шведска, зголемена соработка со Украина и засилување на вложувањата во одбраната на земјите-членки се одлуките коишто сојузниците ги донесоа на првиот ден од Самитот на Алијансата во Вилнус, Литванија. Шефот на македонската делегација, премиерот Ковачевски посочи дека во ситуација на војна на европско тло, прифатливо е зголемувањето на воениот буџет на минимум 2 проценти од БДП.

„Северна Македонија е земја којашто на модернизација веќе инвестира 30 проценти од буџетот за одбрана, што секако е потребно во овој контекст. Дополнително во идната соработка со Украина, северна Македонија има многу јасна позиција, ние како 30-та земја членка секогаш поддржуваме отворена врата за пристапување во НАТО, меѓутоа секако кога ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти на актуелниот момент. И тоа што е многу важно, НАТО покажа дека е единствено како никогаш досега и донесена е голема одлука шведска да биде 32-ра членка на НАТО“, изјави Димитар Ковачевски-претседател на Владата.

Сојузниците потврдија дека Украина ќе добие побрз пристапен пат за членство без акционен план и еднаков статус со сојузниците при носење одлуки во советот.

„Ќе ја зголемиме нашата практична и политичка поддршка за Украина. Ова ќе ја донесе Украина во НАТО каде што припаѓа. Ќе преземеме храбри чекори за зацврстување на одвраќањето и одбраната, вклучувајќи нови планови за одбрана на евроатлантскиот регион. Ќе се согласиме и за поамбициозно инвестирање во одбраната“, изјави Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.

Во овој критичен момент со војната во Украина, важно е што алијансата доби две нови членки Финска, а сега и Шведска, оцени американскиот претседател.

„Ова е историски момент со додавање на Финска и Шведска во НАТО. Се договоривме за формулацијата на кое е можно и идно приклучување на Украина во НАТО. Продолжуваме да работиме обединето во НАТО“, изјави Џо Бајден-американски претседател.

На самитот во Вилнус, НАТО ги покани партнерите и земјите од Индо-Пацификот како демонстрација дека безбедноста не е регионална, туку глобална.

 

Ирина Гелевска