Обвинителство

Заврши вонредниот надзор врз 30-тина предмети поврзани со Рамиз Мерко

11.07.2023 14:58

Комисијата на Републичкото обвинителство изврши вонреден надзор над работата на три Обвинителства за предметите за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Дел датираат од 2006 година. Дадени се насоки да забрза постапувањето. Откако Стејт департментот го стави Мерко на „црната листа“, Обвинителството порачува – нема толеранција за криминалот...

Комисијата на Републичкото јавно обвинителство го заврши вонредниот надзор над работата на струшкото обвинителство, вишото обвинителство-Битола и на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, за предметите против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Направен е увид во 30-тина заведени предмети, од кои најстарите завршени постапки датираат од 2006-тата година. Струшкото обвинителство води четири предмети против Мерко, а постапува и во уште два во предистрага од 2021-та. За други четири предмети, по два од 2019 и 2022, обвинители кои преземале дејствија добиле укажувања и насоки да ја забрзаат постапката. Битолското вишо јавно обвинителство добило насоки во следниот период да врши зачестени контроли и да го следи постапувањето во сите предмети против избрани и именувани лица во основните јавни обвинителства, во своја надлежност. Обвинителството за гонење криминал работи на 5 предмети, меѓу кои е и спорната набавка на службени возила во општина Струга.

„За време на извршениот надзор, членовите на комисијата извршија и директни разговори со јавните обвинители од кои побараа да се произнесат, дали чувствувале какви било притисоци во постапувањето и дали се соочуваат со проблеми при водењето на постапките. Членовите на комисијата апелираа до надлежните јавни обвинители за поголема ажурност и ги охрабрија да го пријавуваат секој обид да се компромитираат постапките што се водат во јавните обвинителства“, соопштија од Државното обвинителство.

Во предметите против струшкиот градоначалник ќе бидат преземени неопходните дејствија и ако евентуално се утврдат кривични дела, нема да остане кривичниот прогон. Јавниот обвинител Јовески ќе иницира и средби со МВР, Финансиската полиција и други надлежни органи и институции, за активирање на национален фронт за борба против корупцијата.

„Во овој процес ја очекуваме поддршката од јавноста, но и од меѓународните институции и организации кои ја следат нашата работа. Толеранција на какви било облици на криминал нема и нема да има“, децидни се од ЈОРМ.

Струшкиот градоначалник пред 20-на дена се најде на „црната листа“ на САД, поради корупција и мешање во судски процеси. Мерко го замрзна членството во ДУИ, но не се откажува од градоначалничката позиција.

 

 

Милчо Велески