Фудбал

Сезона обоена во „црвено-бела“ боја

19.05.2014 11:55

Поглавје со содржини, кои многу не го разликуваат од претходните:ниту со квалитетот на фудбалот, ниту со нови поединци, уште помалку во однос на условите во кои што се играше. Ќе се памети по долгата трка за титулата со поголем број на аспиранти и неизвесноста до крај во барањето на место под фудбалското сонце на Европа...

Македонскиот фудбал зад себе остави уште едно поглавје. Поглавје со содржини, кои многу не го разликуваат од претходните:ниту со квалитетот на фудбалот, ниту со нови поединци, уште помалку во однос на условите  во кои што се играше. Ќе се памети по долгата трка за титулата со поголем број на аспиранти и неизвесноста до крај во барањето на место под фудбалското сонце на Европа. А, најмногу по црвено белата боја со која беше одбележан крајот.

Работнички е името над кое стои шампионскиот ореол! Блескав, искован храбро и мудро и тоа на двата натпреварувачки полигони: и во првенството и во Купот. Стрпливо и умешно Работнички ја градеше победничката кула.Беше уверлив во клучните битки, но бодовите против екипите од долниот дом,  кои безмалку сите ги доби, се покажа дека се златнте!. Купот е дополнителниот момент! За импресиите и  изливите  на сентименталност  да бидат уште поизразени.Имаше силна хемија во редовите на „Романтичарите“. Секогаш победничка! Благодарение и на нивниот тренер-дебитант Игор Ангеловски. Храбра беше одлуката на раководството на Работнички, на повеќегодишниот клубски административец преку ноќ да му го довери тренерското стапче. Ризикот се исплатеше, Работнички е одново на шампионскиот колосек.Сите други тимови ги остави во сенка.

Хоризонт го задржа минатогодишниот висок стандард.Лани го почувствува примамливиот здив  на Европа, направи се одново Турново да биде апострофирано како раритетна точка на европската фудбалска карта. Металург петти пат едноподруго е меѓу првите три екипи во нашиот фудбал.Годинаава со длабоката воздишка за пропуштеното и во првенството и во Купот. Шкендија направи подвиг, со незадржлив финиш од 10 победи на последните 11 првенствени натпревари одново е во Европа. Вардар е најголемиот губитник! Остана со целосно празни раце! Зошто? На раководството е да ги изанализира деликатните потези, кои беа влечени во екот на првенството за на крај ефектот да биде депримирачки. Пелистер, иако соочен со беспарица и принуда  да се лиши од неколкумина „незаменливи“ играчи во невреме , се до пред крајот имаше исклучително впечатлива ролја.

А, незапирливиот одлив на и онака малкуте домашни фудбалски ѕвезди, амбиентот во кој што се игра, сетете се на  финалето на Купот, инфраструктурата на стадионите и удобноста на неговата маленкост-гледачот...е хроничната наша фудбалска главоболка.

 

Златко Калински