Литванија

Продолжува самитот на НАТО во Вилнус

12.07.2023 09:57

Конститутивен состанок на советот на НАТО-Украина. Продолжува Самитот во Вилнус. Евроинтеграцијата – важен фактори за безбедноста и стабилноста на западен Балкан – порача премиерот Ковачевски...

Сојузниците едногласни за поддршка на Украина, за подготовка на безбедносни планови на регионално ниво, за зголемување на воените буџети на најмалку 2 проценти од БДП, проширување на соработка за кибер и хибридни закани, соопшти премиерот Ковачевски по првиот ден од Самитот на Алијансата во Вилнус, Литванија. На состаноците со партнерите на НАТО, лидерите од Западен Балкан ќе укажат дека евроинтеграцијата е важен фактор за стабилноста на регионот.

„На состанокот ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет, на којшто ние, претставниците, претседателите и премиерите од Западен Балкан, ќе го реафирмираме ставот за важноста за европските и евро-атлантските интеграции за мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на овој многу важен регион и за НАТО, меѓутоа и за европската унија“, изјави Димитар Ковачевски-претседател на Владата.

Безбедносните закани како војната во Украина се глобален проблем за целиот свет.НАТО повика на заедништво и соработка со партнерите за зачувување на меѓународниот ред.

„НАТО е регионална алијанса помеѓу Европа и северна Америка, но предизвиците со коишто се соочуваме се глобални и безбедноста е меѓународно поврзана. Што се случува во евро-атлантскиот регион е важно и за Индо-пацификот, а што се случува во Индо-пацификот е важно за евроатлантикот. Војната во Украина има глобални последици, кибер заканите не знаат за граници. Затоа мораме да стоиме заедно за меѓународниот ред“, изјави Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.

Војната во Украина ја измени Европа засекогаш, Финска и Шведска се приклучија на НАТО и овој конфликт не е само за Украина туку и за зачувување на меѓународниот ред, изјави шефицата на Европската комисија Фод Дер Лајен, која на самитот во Вилнус учествува како партнер на Алијансата.

„Тука сме да испратиме јасна порака дека ЕУ стои зад Украина. Ја поддржувавме Украина во последните 16 месеци додека се одвива војната, интензивно, финансиски мобилизирајќи помош од 17 милијарди евра, им дадовме засолниште на 4 милиони Украинци и испорачавме огромна количина воена опрема. Помагаме и во реформите неопходни за членство во ЕУ, но и во НАТО“, изјави Урсула Фон Дер Лајен-претседател на Европската комисија.

Нато со партнерските држави Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Република Кореја ќе разгледаат планови за соработка во одбраната.

 

 

Ирина Гелевска