Култура

Започнува 63-то издание на „Охридско лето“

12.07.2023 11:50

На фестивалот ќе настапат повеќе од илјада уметници од над дваесет земји од светот – Словенија, Франција,Србија, Португалија, Грција, Италија, Чешка, Романија, Израел, Франција, Украина, САД, Шпанија, Црна Гора, Германија, Египет, Русија и Северна Македонија.

Вечерва започнува 63-то издание на најпрестижната културна манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“.

До 20-ти август на сцените на Охрид, Долни Сарај, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и други интересни локации низ градот, ќе продефилираат врвни имиња од светската музичка и театарска сцена. Љубителите на уметноста ќе можат да проследат 34 концерти, седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга

На фестивалот ќе настапат повеќе од илјада уметници од над дваесет земји од светот – Словенија, Франција,Србија, Португалија, Грција, Италија, Чешка, Романија, Израел, Франција, Украина, САД, Шпанија, Црна Гора, Германија, Египет, Русија и Северна Македонија.

Античкиот театар вечерва, во 21 часот, ќе блесне со гламурозниот настап на светски познатата сопранистка Анџела Георгиу. Таа ќе настапи во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на извонредниот Романец, Чипријан Теодорашку.

Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Таа се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција.