Одбележан светскиот Ден на семејните лекари
Здружението на лекари по општа медицина- семејна медицина (ЗЛОМ-СМ) во соработка со Центарот за семејна медицина при Медицинскиот Факултет во Скопје, за прв пат го одбележа Светскиот ден на семејните лекари...

Петнаесетина студентни во бели мантили и специјални ознаки им мереа телесна тежина, висина, крвен притисок и им го одредуваа индексот на телесна маса на граѓаните кои случајно минуваа покрај двата поставени медицински пултови на Плоштад Македонија. Со овие активности Здружението на лекари по општа медицина- семејна медицина (ЗЛОМ-СМ) во соработка со Центарот за семејна медицина при Медицинскиот Факултет во Скопје, за прв пат го одбележа Светскиот ден на семејните лекари, кој во светот се прославува од 2010 година, и тоа со разни активности.
„Денес имаме причина да го прославиме тоа што Владите на земјите ширум светот од 2010 година и официјално одале признание за значењето на нашата специјалност. Оваа година како за прв пат одлучивме овој ден да им го посветиме на нашите пациенти, да го одбележиме заедно со нив, и да покажеме дека со нив сме и во добро и во зло. Очекуваме дека овој ден од година во година ќе зема се поголем замав и ќе премине во традиција“, изјави д-р Нада Аницин, претседател на ЗЛОМ-СМ.
Концептот семејна медицина е актуелизиран во 2013 година со стратегијата на Владата на Македонија преку Министерството за здравство и ФЗОМ да воведе до 2020 година специјализирани семејни лекари како водечки членови на тимовите („тим лидери“) кои обезбедуваат здравствени услуги на ниво на примарна здравствена заштита (ПЗЗ), со цел „повеќе здравствени услуги на една врата“.
„Ние, т.н. избрани лекари, или матични лекари, или лекари по општа медицина (кои од 2020 година ќе имаме унифициран назив- семејни лекари) сме секогаш подготвени за постојаните промени во лечењето на луѓето и технологијата, и подготвени сме да ја преземеме уште посложената улога која ќе ја имаме со посложените и побројни прегледи кои ќе им ги овозможиме на нашите пациенти“, додава д-р Аницин.
ЗЛОМ-СМ е единственото национално, стручно здружение на лекарите по општа и семејна медицина во нашата земја. Здружението е формирано во 1947 година и е член на Македонското лекарско друштво (МЛД). Исто така Здружението е член на WONCA (Светска организација на семејните лекари) и со тоа е дел од најголемото семејство во рамки на лекарската професија.
