Македонија

Топлотен бран во Македонија, температури над 40 степени

12.07.2023 12:48

Топлотен бран со температури над 40 степени. Македонија влегува во портокалова фаза. Повеќе течности помалку движења и физички активности на отворено - препораки за заштита. По променливото време сега граѓаните велат дека мака мачат со горештините. А итната медицинска помош иако сè уште нема зголемен број интервенции апелира особено хронични болните и повозрасните да внимаваат...

Земјава е под влијание на топлотен бран. Во најава температури над 40 степени. Да се редуцираат движењата на отворено од 11 часот до 17 часот, многу течности, лесна храна и соодветна облека – дел од препораките на лекарите. Хронично болните, особено лицата со срцеви, невролошки и белодробни заболувања редовно да ја земаат терапијата. Апел и до возачите на поголема внимателност – високата температура ја намалува концентрацијата. Доколку граѓаните мора да излезат во најтоплиот дел од денот добро да се заштитат.

„Во најтоплиот дел од денот не треба да имаме зголемена физичка активност, би било пожелно тоа да биде во текот на раните утрински часови или доцна попладне. Но доколку тоа мора да се случи во тој случај да носат лесна памучна облека, заштитена да им биде главата со прекривка, наметка или шапка и добро да се хидрираат, односно да консумираат доволно течности“, изјави д-р Милица Бубало, раководител во итната медицинска помош.

На жешкиот асфалт тешко се дише – велат граѓаните.

„Многу тешко, многу топло, попладне од самата топлина што испарува дури не се дише-тегоби, тешко дишење, движење, се потиш, меѓутоа со вода ќе се прснеш, под клима, се снаоѓаме некако за да преживееме.“

„Самата топлина влијае на притисокот, тоа е.“

„На нервите најмногу ми влијае, дека треба да бидам затворена дома по цел ден под клима.“

Правилно да се користат уредите за разладување, советуваат лекарите. Да не се прави нагла промена од климатизирани простории на отворено.

Сончево и многу топло. Земјава е во портокалова фаза. Метеоролозите најавуваат уште потопло време во наредните два дена, кога живата во термометарот ќе го надмине 40 степен.

 

 

Андријана Ѓурческа