Средба Османи-Валтонен во Вилнус
ОБСЕ треба да се поддржи и понатаму да се грижи за стабилноста и безбедноста во Европа …

Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи оствари средба со министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, во рамки на Самитот на НАТО во Вилнус.
Како што соопштуваат од МНР, во фокус на разговорот Османи-Валтонен беше соработката помеѓу Северна Македонија и Финска во рамки на ОБСЕ, со посебен фокус на активностите и предизвиците со кои се соочува Претседателството и заедничкото учество во рамките на ОБСЕ тројката. Изразувајќи задоволство од соработката, министрите разменија мислење за активностите и начините на кои се спроведуваат приоритетите на актуелното претседавање со Организацијата, како и подготовките, активностите и начините на кои ќе функционира организацијата сè до преземањето на претседателството од страна на Финска.
Османи посебен фокус посвети на последната иницијатива што како претседавач со ОБСЕ неодамна ја претстави – формирањето нов Охрид Центар за мир и медијација како нова алатка во рамките на ОБСЕ, која треба да ја зајакне улогата на Организацијата во промоцијата на културата на дијалог, политиките на помирувањето, компромисот итн. Османи и Валтонен, покрај за активностите во ОБСЕ во рамки на претседавањето на Северна Македонија во 2023 година, разговарале и за предизвиците поврзани со други важни прашања за функционирањето на Организацијата како и за начините за нивно решавање.
Соговорниците изразија задоволство од досегашната улога на ОБСЕ во обезбедувањето на долгорочна стабилност и безбедност во Европа, потенцирајќи дека е потребно да се вложат дополнителни политички напори Организацијата да ја задржи оваа улога и во иднина, стои во соопштението.
