Штипската болница кадровски се зајакнува
Во Клиничка болница Штип во тек е огласот за вработување на осум доктори, шест медицински сестри и по еден физиотерапевт и стоматолог. Овие вработувања само ќе го ублажат проблемот од недостиг на кадар во болницата од каде по разни основи за три години си заминаа околу сто вработени, главно стручен кадар. Недостигаат лекари на одделите за анестезиологија, ортопедија, инфективно и офталмологија…

На актуелниот конкурс за прием на осум лекари во Клиничка болница Штип пријавени се 44 кандидати, а за шест медицински сестри има само десет апликации. Ова се први вработувања во штипската болница во последните околу три години, период во кој болницата остана без околу сто вработени. До крајот на годината ќе се бара вработување на нови дваесеттина лекари и сестри.
Со одливот на кадар најпогоден е одделот за анестезиологија кој остана со само тројца специјалисти.
Клиничка болница Штип опслужува околу 200 илјади граѓани од источниот и југоисточниот регион. Освен недостигот на кадар, деновиве проблем е што не работи апаратот за магнетна резонанца и дигиталниот рендген апарат, за чија поправка течат тендерските постапки.
Славица Величковска
