Самит на НАТО во Вилнус

Столтенберг: Триделен пакет за придвижување на Украина поблиску до НАТО

12.07.2023 14:40

Војната во Украина има глобални последици, терористичките и кибернападите немаат граници, рече генералниот секретар Столтенберг од самитот на НАТО во Вилнус. Сојузниците оценуваат-се поедноставува постапката за пристапување на Украина во НАТО. Евроинтеграцијата, важен фактор за безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, порача премиерот Ковачевски…

НАТО усвои најсеопфатни одбранбени планови за спротивставување на двете главни закани по Алијансата – Русија и тероризмот коишто вклучуваат 300 илјади војници во висока готовност, зголемување на воените буџети на најмалку два процента од БДП, и пакет од три елементи за приближување на Украина до членство. Шефот на македонската делегација, премиерот Ковачевски укажал на партнерите од ЕУ дека со побрза евроинтеграција ќе се зголеми безбедноста на регионот на Западниот Балкан.

„Го реафирмираме ставот за важноста за европските и евро-атлантските интеграции за мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на овој Самит многу важен и за НАТО, меѓутоа и за Европската унија“, изјави премиерот Ковачевски.

На самитот во Вилнус, без консензус за покана за Украина, но сојузниците се согласија да го отстранат условот за акциски план за побрз пат до членство, откако ќе заврши војната и ќе оценат дека ги исполнила условите. По војната, НАТО ќе се погрижи да има веродостојни аранжмани за безбедноста на Украина.

„Сојузниците се согласија на триделен пакет за придвижување на Украина поблиску до НАТО. Со воспоставувањето на советот НАТО-Украина значи дека Украина ќе стане членка на НАТО кога ќе ги исполни барањата од акцискиот план за членство. Програмата на НАТО за асистенција ќе помогне за транзиција од советската ера во опрема според НАТО-стандардите. Сојузниците ќе упатат покана за членство кога ќе оценат дека се исполнети условите“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

„Безбедносните гаранции се важни за народот на Украина, на нашиот пат кон НАТО. Украина нема да биде дел од НАТО додека не заврши војната. Потребно ни е повеќе оружје со долг дострел“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

На самитот во Вилнус, НАТО договори соработка во одбраната со партнерите ЕУ, Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Република Кореја. Потпишан е договор за воздушна соработка меѓу Литванија, Латвија и Естонија и меморандум за центар за извонредност на НАТО за климатски промени и безбедност.

Ирина Гелевска