Груевски до Изетбеговиќ: БиХ може да смета на помошта од Македонија

19.05.2014 12:44

Премиерот потенцирал дека покрај стокова поддршка како вода, храна, лекови и облека, Република Македонија ќе даде и финансиска поддршка за помош на настраданите...

Премиерот Никола Груевски денеска телефонски разговарал со Бакир Изетбеговиќ, претседавач на претседателството на БиХ, во врска со актуелните природни непогоди кои ја зафатија Босна и Херцеговина, соопштуваат од владината прес служба. Груевски изразил сочувство за жртвите од поплавите и ја истакнал спремноста Македонија да продолжи со помошта.
 
Истакнал дека БиХ може да смета на Македонија во рамките на нашите можности. Премиерот потенцирал дека покрај стокова поддршка како вода, храна, лекови и облека, Република Македонија ќе даде и финансиска поддршка за помош на настраданите. 
 
Изетбеговиќ изразил благодарност за помошта која Република Македонија ја дава.
 
Министерот Миле Јанакиески на дневна основа ќе комуницира со центарот за справување со непогоди на БиХ во врска со координацијата на соработката. 
 
Премиерот Груевски остварил и телефонски разговор со Небојша Радмановиќ, српскиот член на претседателството на БиХ.