Ковачевски: Уставните измени наскоро на владина седница
Уставните измени се глас за ЕУ и за продолжување за европскиот пат – порача премиерот Ковачевски од Самитот на НАТО во Вилнус. Според него евроинтеграцијата на Западен Балкан е важен фактор за безбедноста и стабилноста. Алијансата усвои одбранбени планови за спротивставување на двете главни закани – Русија и тероризмот. Сојузниците нудат безбедносни гаранции за Украина на патот кон членството …

Уставните измени ќе бидат разгледани на некоја од наредните владини седници до крајот на месецов, по што предлогот ќе биде доставен до Собранието-изјави премиерот Димитар Ковачевски од Вилнус каде учествува на Самитот на НАТО.
Тој посочи дека уставните измени не се под никаков диктат, туку се дел од обврските наведени во Преговарачката рамка. Што се однесува до одлуката на лидерот на опозицијата Мицкоски да се прекинат разговорите на тема „Уставни измени“, премиерот со став – треба да се отвори дискусија бидејќи се работи за исклучително важна одлука за државата.
„Уставните измени се глас за ЕУ и за продолжување за европскиот пат. За првпат имаме ситуација во која ветото не доаѓа однадвор, туку од внатре. Секој има право да се изолира себеси, па дури и да изолира дел од својата политичка партија, но нема право да ја изолира државата“, изјави премиерот.
На Самитот во Вилнус, не се постигна консензус за покана за Украина. Сојузниците се согласија да го отстранат условот за акциски план за побрз пат до членство откако ќе заврши војната и ќе оценат дека ги исполнила условите.
„Безбедносните гаранции се важни за народот на Украина, на нашиот пат кон НАТО. Украина нема да биде дел од НАТО додека не заврши војната. Потребно ни е повеќе оружје со долг дострел“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На Самитот во Вилнус, НАТО договори соработка во одбраната со партнерите ЕУ, Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Република Кореја.
Марина Стојанова Тонева
