Куманово

По вчерашното одложување, денеска започна увидот во Основниот суд во Куманово

13.07.2023 11:42

Трае увидот за пожарот во кумановскиот Основен суд. Истиот треба да ги покаже причините, но и предизвиканата штета. Увидот требаше да се одржи вчера но беше одложен поради безбедносните укажувања од противпожарната единица. Кумановските пожарникари речиси 20 часа се справуваа со пожарот кој ја зафати архивата...

Увидот кој започна денеска ќе ги покаже причините за пожарот кој завчера го зафати кумановскиот Основен суд. Екипи на јавните обвинителства од Куманово и Скопје, секторот за внатрешни работи, кримтехника, инспектори за пожари и вешти лица од утринава се во институцијата. Увидот требаше да се одржи вчера, но беше одложен поради укажувања на противпожарната единица. Во текот на целиот ден имаше пожарна стража. Во истиот денеска учествува и шефицата на кумановското обвинителство.

„Првични информации по увидот ќе можеме да очекуваме, но сепак истрагата допрва почнува, треба да се дадат потребните наредби, да видиме првин со што ќе се соочиме во просторијата“, истакна Теута Бедиу Рамадани, шефица на кумановско обвинителство.

Пожарот во кумановскиот суд избувна завчера еден час по полноќ. Кумановските пожарникари речиси 20 часа го гаснеа пожарот кој ја зафати архивата. Тие интервенираа и вчера во два наврати.

Додека трае расчистувањето на целиот случај, а потоа и уредувањето на институцијата, итните предмети од Куманово ќе се решаваат во Кривичниот суд во Скопје.

Првиот човек на македонската полиција вети целосно расчистување на овој случај, иако од судот првично ги одбиваат тврдењата дека пожарот е намерно предизвикан. Во зградата на судот се и простории на Јавното обвинителство и Правобранителство.

 

 

Елена Георгиевска