Охрид

Рибократството со зголемен интензитет во Охрид

13.07.2023 11:45

Рибокрадството зема се поголем замав во водите на Охридското езеро. Се чини дека на некои граѓани тоа им овозможува добра заработувачка, бидејќи и покрај високите казни тие не прекинуваат да го кршат Законот за аквакултура. Со доаѓањето на летото како и секогаш, се зголемува и бројот на прекршители на законот поради што полицијата има полни раце работа...

Интензитетот на незаконит риболов во водите на Охридското Езеро со почетокот на летото е зголемен. Тоа го покажуваат координираните контроли во вода и на копно што ги спроведуваат Езерската полиција и службениците на СВР Охрид во соработка со инспекторатот за земјоделство и шумарство. Високите казни се чини дека не влијаат врз некои од лицата што вршат дејствија спротивни на Законот за аквакултура, бидејќи го повторуваат делото, што можеби се случува поради тоа што нивната заработувачка е поголема од изречените казни.

„Активностите на полициските службеници во делот на сузбивање на рибокрадството и пронаоѓање на лица кои вршат нелегален улов на риба е успешен,постојан и континуиран процес. Резултира со пронаоѓање, фаќање на таквите лица, со одземање на уловената риба, со одземање на рибарскиот алат и прибор, со одземање на пловниот објект и со поднесување на соодветна пријава“, изјави Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.

Иако контролите се насочени кон граѓаните на нашата држава има и случаи кога рибокрадци од соседна Албанија навлекуваат во македонските територијални води.

„Во изминативе два месеци полициските службеници од Езерската полиција имаат затекнато две лица, албански државјани коишто вршеле незаконит риболов и коишто илегално и неовластено ја преминале државната граница со цел да извршат незаконит риболов. Тие се приведени во полициските станици и против нив се поднесени кривични пријави“, изјави Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.

Дека за некои граѓани рибокрадството е добар бизнис, говори и податокот дека само во изминатите два месеци полицијата запленила 126 рибарски мрежи со вкупна должина од 2.800 метри во кои имало 45 килограми риба.

 

Сашо Нелоски