Судски совет

Се гласа за нови членови во Судски совет

13.07.2023 12:30

236 судии гласаат за избор на двајца членови во Судскиот совет. Единствен кандидат од Врховниот суд е судијата Наќе Георгиев. На листата за член од скопскиот апелациски регион ќе се тркаат Антоанета Димовска, судија од Граѓанскиот суд во Скопје и Лазар Нанев судија од Основниот суд во Кавадарци. Изборите следуваат откако врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски од скопска апелација поднесоа оставки...

Врховните и судиите од скопското апелациско подрачје избираат двајца членови кои ќе ги претставуваат во Судскиот совет. Избирачкото право, на непосредни избори го користат 236 судии. Во Врховниот суд гласаат 16, додека 220 судии се распоредени на 12 избирачки места и тоа во скопскиот Граѓански и Кривичен суд, како и во Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Крива Паланка и Кратово. Право на глас имаат и судиите од Управниот и Вишиот управен суд.

Изборите следуваат откако врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски од скопска Апелација поднесоа оставки. Во трката за пополнување на нивните места во Судскиот совет влегоа Антоанета Димовска од скопскиот Граѓански суд и Лазар Нанев од Основниот суд во Кавадарци. Единствен кандидат од Врховниот е Наќе Георгиев. Законот предвидува гласањето да се реализира од 8 до 15 часот, по што избирачкиот материјал се доставува до Судскиот совет, каде Комисијата за избори ги објавува резултатите. Кандидатите имаат право на два приговори – за начинот на гласање и за објавените резултати.

Советот е составен од 15 члена, од кои, осум ги избираат судиите.

 

Анита Димитријевска Велковска