Куманово: По вештачењата ќе се знае причината за пожарот
Заврши увидот за пожарот во кумановскиот суд. Експертите ги собраа неопходните докази. Вештачењата треба да ја откријат причината за пожарот во архивата на институцијата. Увидот го водеше обвинителка од Скопје, а беше вклучена и главната обвинителка од Куманово, експерти од полицијата...

По три часа заврши увидот за пожарот во кумановскиот Основен суд. Од Јавното обвинителство Куманово, кое е вклучено во увидот, информираа дека вештачењата треба да ја покажат причината за пожарот, кој ја зафати архивата на институцијата. Увидот го водеше обвинителка од јавното обвинителство од Скопје, а учествуваа екипи на секторот за внатрешни работи, кримтехника, инспектори за пожари и вешти лица.
„Од безбедносен аспект увидот беше направен како што треба, од кривично-правен аспект се дадени сите потребни наредби за вештите лица. Беа и хемичарите, електроинженери и вешти лица, експерти за пожари. Така што сигурно откако ќе се направат вештачењата ќе се утврди точната причина за пожарот“, истакна Теута Бедиу Рамадани, шефица на кумановско обвинителство.
Увидот за пожарот во судот требаше да се одржи вчера, но беше одложен поради укажувања на противпожарната единица. Во текот на целиот ден пред институцијата беше поставена пожарна стража. Пожарот во кумановскиот суд избувна завчера еден час по полноќ. Кумановските пожарникари речиси 20 часа се справуваа со истиот. Тие интервенираа и вчера во два наврати.
Во зградата на судот се сместени и Јавното обвинителство и правобранителство. Од Обвинителството информираа дека веќе утре ќе побараат да се реши проблемот со електрична енергија и да започнат нормално да функционираат, бидејќи нивните простории не се зафатени од пожарот.
Елена Георгиевска
