За шест месеци ќе се избира фирма која ќе ја гради Клиничката болница во Штип
За шест месеци на тендер ќе се избира фирма која ќе продолжи да ја гради Клиничката болница во Штип, откако министерот Меџити го раскина договорот со изведувачот кој ги проби сите рокови. Меџити најави изградба и на болница во Кичево – на која жителите чекаат повеќе од три децении. Идната недела ќе се знае, колку пациенти со цистична фиброза ќе го добијат лекот „трикафта“...

За шест месеци на тендер ќе се избира фирма која ќе продолжи да ја гради Клиничката болница во Штип откако министерот Меџити го раскина договорот со изведувачот која ги проби сите рокови и изгради само 30 насто од објектот. Банкарската гаранција од шест милиони евра е активирана. На грчки „Интраком констракшн“ седум години не му беа доволни да ја изгради штипската болница.
„Според Законите за јавни набавки потребни се 42 дена да се направи пресек на тоа што е сработено од изведувачот и сите засегнати страни и за 42 дена ќе знаеме точно што е сработено и како е сработено. За целосната документација, припрема потребни ќе бидат околу шест месеци, пред нова година треба да почнеме да избираме изведувач“, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.
Меџити најави изградба и на болница во Кичево – на која кичевчани чекаат повеќе од три децении. Без да прецизира на која локација и кога би почнала изградбата, министерот најавува нов Клинички центар во метрополата. Сега за раскинување на договорот со претходната фирма која требаше да го гради, државата плаќа пенали од 18 милиони евра.
„Има многу заинтересирани страни, но нема да кажам дека тоа ќе го изградиме сега, до нова година или ќе ставиме камен темелник. Треба да биде вклучени сите, целата јавност да даде мислење, но и опозицијата. Без тоа нема ништо сериозно да направиме ако кажеме како влада дека тоа е решлив проблем. Знаеме дека е капитална инвестиција“, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.
Идната недела ќе се знае колку пациенти со цистична фиброза ќе го добијат лекот „трикафта“, кој ќе биде набавен најдоцна до крајот на годината. Пациентите добие ветување и за нов центар во склоп на болницата за белодробни заболувања „Козле“.
Андријана Ѓурческа
