КОСОВО

Инцидент во косовското Собрание, пратеник истури вода врз премиерот Курти

13.07.2023 16:51

Инцидент во косовското Собрание. Опозициски пратеник истури вода врз премиерот Курти. Интервенираа министрите, настана физичка пресметка. Опозицијата ги критикуваше властите за управувањето на северот од земјата...

Хаос во косовското Собрание. Опозициски пратеник истури вода врз премиерот Курти додека се обидуваше да одржи говор за состојбата на северот. Интервенираа министри од владиниот кабинет, по што настана физичка пресметка. Летаа тупаници, предмети. Седницата беше прекината.

Опозицијата ги критикуваше властите за управувањето на северот од земјата. Претседателот на Собранието побара од пратениците да ги надминат проблемите и со разбирање да продолжат со пратенички прашања.

„Ги имаме најдлабоките несогласувања досега, но тие несогласувања му прават чест на Косово ако ги одржиме на ниво на неопходното функционирање на нашите демократски институции, кои се надгледуваат. Досега успеавме. Се трудиме да го пребродиме овој тежок ден и овие тешки денови за нашата земја. Ве повикувам на минимум однесување кое би ги израдувало граѓаните на Косово“, изјави Глаук Коњуфца, претседател на Собранието на Косово.

Претседателката Османи на социјалните мрежи истакна дека употребата на физичко насилство е најголемата штета што може да се направи на институциите. Албанскиот премиер Рама, инцидентот во Парламентот го оцени како срам, кој и штети на Приштина на меѓународен план.

„Собранието е камен-темелник на нашето демократско општество, каде што различните гласови се здружуваат за да ги застапуваат интересите на граѓаните, па затоа нема место за насилство во храмот на демократијата и не може да се трансформира во политичка алатка“, изјави претседателката Османи.

Незадоволството во косовските политички редови следува откако премиерот Курти најави дека ќе го намали бројот на полицајци стационирани пред општинските згради на северот од Косово и ќе одржи нови избори за градоначалник. Ова ја налути опозицијата која тврди дека Курти „експериментирал“ со месеци и ја загрозил меѓународната позиција на Косово. Од ЕУ ја поздравија одлуката.

 

Маријана Димовска