Изложба на Владимир Георгиевски во Куќата на Робевци
Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројни театарски претстави и неколку домашни играни филмови. Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколку пати е наградуван и за неговата работа во театар.

Од 15-ти до 27-ми јули во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложба на дела од еден од најзначајните македонски ликовни уметници – Владимир Георгиевски (1942-2017).
Владимир Георгиевски е роден во Скопје, на 1-ви јуни 1942-ра.
Во 1963 матурирал во училиштето за примена уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968-ма. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ. По враќањето од Белград во 1972-ра, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади ’25 мај‘).
Меѓу 1980-та и 2012-та беше професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектура во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предаваше и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Беше професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.
Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројни театарски претстави и неколку домашни играни филмови.
Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколку пати е наградуван и за неговата работа во театар.
Негово дело, портрет на Ф.М. Достоевски, релјеф, е поставено во Музејот на Ф.М. Достоевски во Санкт Петербург во ноември 2012-та.
Почина во родниот град, на 25-ти мај 2017-та.
Негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Македонија и надвор од неа.
