Костадиновска-Стојчевска од Париз: Уметноста преку „Отворен Балкан“ нè зближува со Европа
Вечерва во Културниот центар на Србија во Париз, во присуство на многубројна публика од јавниот живот и од дипломатскиот кор, највисоките претставници од амбасадите на Северна Македонија, Албанија и на Србија, на уметници, беше отворена изложбата „Супстрати“ – заеднички проект на иницијативата „Отворен Балкан“.

Вечерва во Културниот центар на Србија во Париз, во присуство на многубројна публика од јавниот живот и од дипломатскиот кор, највисоките претставници од амбасадите на Северна Македонија, Албанија и на Србија, на уметници, беше отворена изложбата „Супстрати“ – заеднички проект на иницијативата „Отворен Балкан“.
На изложбата, која е под покровителство на министерствата за култура на трите балкански држави, се обрати министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која со своите колешки, министерките Елва Маргарити и Маја Гојковиќ, ја потврди идејата за афирмација на целите на Иницијативата за креирање европски држави на Балканот, а во тоа културата има силно влијание.
„Супстрати“, збор што јас го толкувам како сојуз во креативноста, е насловот под кој вечерва се собравме во Градот на Светлината за да го испочитуваме дијалогот меѓу уметниците, да се восхитуваме на заедничкото творештво и да додадеме агол на светлината, не за да го засилиме одразот на сенките на Балканот туку за да ја извадиме од сенка сета убавина на културите на Балканот. Зашто Балканот е плодна почва за нашето културно стебло, за чија здравост сведочи раскошната крошна на која еднакво ѝ е неопходна светлината – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа ѝ се заблагодари на кураторката Клаудија Паецолд за извонредната замисла, како и на авторите: Кристина Пулејкова, Нина Жељковиќ и Дриант Зенели, кои, како што рече, го бараа и проникнаа во најдоброто во културата на соседот.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска им се заблагодари на уметниците зашто, како што вели, тие отидоа длабоко во историјата, за да ни овозможат повторно да се сретнеме во овој миг и да продолжиме кон иднината – европската, демократската, хуманата, зашто тоа е патот што го посакуваме.
Изложбата „Супстрати“ се фокусира на современата уметност и ги нагласува фундаменталните врски меѓу трите земји во рамките на „Отворен Балкан“. Поставката, која е доказ за трансформациската моќ на уметноста и културата во обединувањето на нациите, ќе биде отворена до 12 август.
