Русија

Путин: Оружјето од Западот ќе го разгори конфликтот

14.07.2023 12:37

Нова тревога за воздушни напади во неколку украински региони. Рускиот претседател смета дека новото оружје од Западот, дополнително ќе го разгори конфликтот. Путин за „Вагнер“ вели дека практично не постои...

Приватната воена компанија „Вагнер“ не постои во правна смисла, во Русија нема закон за приватни воени организации. Рускиот претседател потврди дека остварил средба со Пригожин и 35 негови приврзаници, пет дена откако групата се обиде да направи пуч. Платениците добиле шанса да служат во редовната руска армија. Според Путин, новото оружје од Западот ќе биде цел на руските сили и ќе го ескалира конфликтот, а членството во НАТО ќе ја зголеми тензијата на меѓународната сцена.

„Една од причините за специјалната воена операција е приклучување на Украина во НАТО. Сигурен сум дека тоа нема да ја зголеми безбедноста на Украина, туку ќе го направи светот многу поранлив и ќе доведе до дополнителна тензија на меѓународната сцена. Затоа не гледам ништо добро во тоа“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.

Украинскиот претседател пак, се надева оти договорите од Вилнус ќе се претворат во конкретен резултат. И денеска неколку украински региони прогласија воздушна тревога. Русија повторно лансираше ирански беспилотни летала, соопштија украинските власти.

„Сега е време секој таков договор да го претвориме во конкретен резултат. Го имаме Советот на НАТО-Украина и овој формат треба да работи на смислен начин. Имаме нови договори за оружје, за опрема, за авијација и сега ги финализираме“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Според Вашингтон, Путин веќе ја изгубил војната со Украина и како ќе заврши таа ќе зависи само од него. Пентагон испраќа три илјади резервисти на американската армија во Европа. Руската инвазија на Украина тема и на состанокот на министрите за надворешни работи на Самитот на Источна Азија во Џакарта.

 

Маријана Димовска