Исмет Гури и Ејуп Алими повторно осудени на три и пол години затвор за „Титаник 3“
Основниот кривичен суд Скопје во повтореното судење за случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал на Исмет Гури и Ејуп Алими од ДУИ им изрече затворски казни од по три години и шест месеци. Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелација, потврдуваат од Основниот кривичен суд...

По три и пол години затвор добија двајцата функционери на ДУИ Исмет Гури и Ејуп Алими за уништување на изборниот материјал од гласањето за градоначалници во 2013 година. Кривичниот суд, во повторената постапка одново им ги изрече истите казни и ги огласи за виновни. Им се суди по обвинение дека по завршување на првиот круг од изборите во Чаир, во записниците додавале гласови на контото на кандидатот од нивната партија, додека истовремено крателе од гласовите на нивните конкуренти – ВМРО-ДПМНЕ и ДПА.
Пресудата за случајот „Титаник 3“ што го отвори поранешното Специјално обвинителство следува откако Апелацискиот суд ја укина пресудата и предметот го врати на почеток. Пресудата не е правосилна, а странките имаат право на жалба до повисокиот суд кој треба да одлучи мериторно. Гури моментно е на позиција заменик управник во Управата за јавни приходи додека Алими е ангажиран како државен советник во Министерството за политички систем со кое раководи Груби.
Анита Димитријевска Велковска
