Активистите се мобилизираат пред утрешниот протест против отворањето на рудникот „Иловица – Штука“
Активистите на утрешниот протест ќе испратат гласна порака дека рудник ќе нема. „Лично сум против нови рудници во државата, ќе разговарам со струмичани, а во Владата ќе ја испитаме одлука за спојување на двете концесии на рудникот“-вели министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Тврди дека нема проширување на концесискиот обем, нема да се гради нов рудник…

Активистите се мобилизираат пред саботниот протест против отворањето на рудникот „Иловица – Штука“. Велат дека ја имаат поддршката и од другите градови и најавија оти ќе испратат гласна порака дека рудник ќе нема. Тие се револтирани поради одлуката на Владата да се спојат двете концесии на инвеститорот „Еуромакс“ за рудникот за злато и бакар.
Против отворањето нови рудници е и министерката за животна средина, Каја Шукова. Таа рече дека и самата ќе оди на протестот во Струмица. Иако Шукова посочи дека со одлуката за спојување на двете концесии не е зголемен концесискиот опфат на рудникот, таа, сепак, најави дека Владата ќе ја преразгледа одлуката.
И додека локалните жители стравуваат дека тешката загадувачка индустрија целосно ќе ги уништи животите на луѓето од Струмичката котлина и земјоделието коешто е бренд на овој крај, инвеститорот уверува дека ќе користи најбезбедни и најсовремени техники и практики за експлоатација на минерални суровини. Оттаму повикаа процесот повеќе да не кочи зашто во спротивно ќе поведат арбитражна постапка за надомест на штета.
Александра Спировска
