Вардар се излечи со Куп трофејот
Вистински лек за душата добија вардарци кои се издигнаа над емотивната празнина која ги обзема по стресната елиминација од Фленсбурги по тешкиот пораз во Автокоманда...

Вардар го победи Металург во седмата македонска ракометна војна оваа сезона. Финалето на Купот во Охрид беше последниот мегдан на нашите супер сили оваа сезона, што вардарци го напуштија со триумфална насмевка и со скалп од големиот спортски непријател.
„Ја заслуживме победата, беше тешко да го освоиме трофејот што многу ни значи особено по губењето на првенствениот дуел со нив. Сега одиме на одмор повесели“, изјави најдобриот стрелец на финалниот турнир Матијаж Брумен.
Црвено-црните во најтрофејната домашна витрина ја сместија деветата куп драгоценост, со посебен сјај, зашто е одземена од рацете на ривалот кој пред само десетина дена ги понижи во првенствениот двобој за круната.
„Убаво чувство, секако. Ни беше битна оваа титула, стегнавме машки ја освоивме со што ја завршивме сезоната позитивно. Во еден тврд и квалитетен натпревар бевме посконцентрирани во финишот од противникот и заслужено славевме, не го криеше задоволството по мечот капитенот на Вардар, Филип Лазаров.
Вистински лек за душата добија вардарци кои се издигнаа над емотивната празнина која ги обзема по стресната елиминација од Фленсбурги по тешкиот пораз во Автокоманда.
„Тешко е за секој спортист после таков пораз да се мотивира, но во оваа екипа има многу интернационалци и искусни професионалци кои покажаа дека може да се вратат брзо. Одбраната и добрата игра во нападот го решија победникот во финалето, коментираше најдобриот голман на завршницата во Купот, Петар Ангелов.
На крајот од 22-то издание на Куп завршницата комплетно е задоволството на ракометните вљубеници.Вардар и Металург покрај раритетната европска испишаа и нова неповторлива домашна ракометна приказна во која уживаа сите што беа во Охрид. Ја имаа привилегијата да го почувствуваат интензитетот на големото ривалство, и здивот од големите европски ракометни пресметки.
