Партиите во ров за уставните измени
Иднава недела, нова тројка европски министри доаѓа во земјава да охрабри за уставните измени. Вицепремиерот Маричиќ уверен дека има доволно време до ноември, да се убеди пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за предлогот. Мицкоски коментира – уставните измени се последното нешто што им паѓа на памет на граѓаните кои се мачат со секојдневните проблеми…

Повторно високи претставници доаѓаат во земјава во обид да ги испеглаат разликите меѓу власта и опозицијата за уставните измени. Наредната недела министрите за Европа на Германија, Франција и Полска ќе имаат средби со македонските политичари за европскиот пат на земјава.
Пред нивната посета, вицепремиерот Маричиќ со повик до ВМРО-ДПМНЕ да ги стави на страна политикантството и барањето за избори за да се исполни стратешкиот приоритет, членството во ЕУ, во спротивно вели, повторно ќе нема ваква шанса. Според него, единствена прифатлива опција е прво гласање за уставните измени, а потоа избори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски пак, добил уверување од министрите на Австрија, Чешка и Словачка дека доколку не поминат уставните измени, земјата нема да биде изолирана, туку дека процесот ќе доцни. Тој обвини дека власта е таа што ја изолира земјата поради криминалот, корупцијата и неспособноста да спроведе реформи. Повтори дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени останува непроменет.
Премиерот Ковачевски најави дека уставните измени ќе влезат во Собранието до крајот на месецов.
Викторија Милевска
