Струга забрани шетање во костими за капење
Општина Струга забрани шетање по костими за капење низ струшката чаршија и ги повика туристите да нема голотија на јавни места. Советниците од ВМРО ДПМНЕ велат оваа одлука е самоиницијативна и не е донесена согласно Законот за локална самоуправа. Граѓаните со поделени мислења. Комуналниот инспекторат без став, дали ќе има казни за непочитување на забраната или само предупредување...

Струга забрани шетање во костими за капење низ струшката чаршија. Општината постави информативни табли на повеќе локации за оваа намена и преку соопштение ја информираше јавноста – да нема голотија на јавни места.
Струга не е конзервативен, туку туристичка град, велат советниците од ВМРО ДПМНЕ. Оваа одлука е самоиницијативна и не е донесена согласно законот за локална самоуправа.
„Во конкретниот случај Советот нема донесено одлука за поставување на тие знаци, ниту пак поставувањето на тие знаци е предвидено во програмата која е изгласана од страна на Советот“, вели Ален Деребан координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Струга.
Стружани со поделени мислења, некои сметаат забраната е добра, додека други не се согласуваат.
Од Комуналниот инспекторат при општина Струга не добивме став.
Соња Рилковска
