Мицковски: „Иловица“ е уште една бизнис-зделка на СДСМ и ДУИ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека концесијата за рудниците „Иловица“ -Штука е бизнис-зделка на коалициските партнери СДСМ и ДУИ. Според него, министерката за животна средина наместо да присуствува на протестот треба да си поднесе оставка. Мицкоски со став и за солидарниот данок, го нарече шверцерски закон секој се удира врз џебот на оние кои плаќаат.

Концесијата за рудниците „Иловица“-Штука е бизнис зделка на ДУИ и СДСМ, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ. Велат владата ги спои концесиите за двата рудника за бакар и злато и покрај протестите на локалните жители дека ќе бидат загадени од рудниците на смртта. Лицемерие е и од министерката за животна средина која вели дека ќе протестира заедно со граѓаните, а останува во Владата без да понуди оставка, вели Мицкоски.
„Тука е ДУИ, која веќе и со сопственост влегува во ова зделка, и нормално тука е помалиот коалициски партнер, измеќарите од СДСМ коишто коленичат пред наредбите на ДУИ. ДУИ наредува, СДСМ исполнува. Приближно така функционира Владата во Македонија. И сè додека така функционира владата во Македонија, Македонија ќе назадува, вклучително и ова што денеска го кажавте, незадоволството на граѓаните во регионот на Струмица и струмичко, општините Босилово, Ново село пред сè, каде се предвидени овие објекти“, изјави Христијан Мицкоски-претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со солидарниот данок, од опозициската партија велат дека станува збор за шверцерски закон за угнетување на луѓето коишто плаќаат даноци, а не оние коишто не плаќаат.
„Шверцерски закон кој има за цел, тие коишто се лојални граѓани, тие коишто плаќаат даноци и обврски кон државата, да плаќаат повеќе, а да ги штити оние коишто кои не се лојални граѓани кон Македонија и коишто и онака досега не ги плаќаат своите обврски и даноци кон државата. Односно за едни, оваа влада на ДУИ поддржана од помалиот измеќар СДСМ, е мајка, а за другите не е“, изјави Христијан Мицкоски-претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека оваа влада е главниот творец на сивата економија во Македонија, оти не ги санкционира оние коишто не издаваат фискални и не плаќаат данок.
Ирина Гелевска
