Охрид

Пловењето долж брегот атракција за туристите во Охрид

15.07.2023 14:55

Пловењето со брод или чамец долж брегот на Охридското езеро отсекогаш било привлечно за туристите. Зголемениот интерес значи и поголема одговорност за сопствениците на пловни објекти, но и за охридската капетанија која во текот на летото ги засилува контролите. Од таму велат дека внатрешната пловидба со мали инциденти се одвива непречено.

Една од најголемите атракции за туристите коишто доаѓаат во Охрид е пловењето со брод, катамаран или чамец долж крајбрежјето. Тоа е обврска повеќе за охридската Капетанија да врши засилени контроли на пловните објекти и да се грижи за безбедноста на патниците. Од таму велат дека почитувањето на Законот за внатрешна пловидба е на задоволително ниво поради што се размислува и за намалување на ограничувањата за скутерите.

„Во делот на скутерите може да биде либерализирано малку, во смисла да се продолжи временскиот период на нивното користење, да биде од 16 до 18 часот, бидејќи на некој начин последниве години се покажа дека многу од тие да ги наречам корисници на скутерите веќе станаа далеку подисциплинирани“, изјави Горан Устијаноски-капетан на Капетанијата на пристаништата.

Инаку секое утро е врвулица на охридското пристаниште каде што туристите избираат дестинација којашто ќе ја посетат.

„Се надеваме дека убаво ќе си поминеме. Езерото е прекрасно и секогаш мораме да се потсетуваме дека не е море, бидејќи има боја на море. Уживаме во Охрид и во богатото културно наследство“, изјави туристка од Хрватска.

„Ние сме веќе трет пат во Охрид што значи дека сме воодушевени од Охрид. Кога во Хрватска ќе ни се досади од соленото море доаѓаме на вашето езеро, кое всушност ние го нарекуваме море“, додаде друга туристка од Хрватска.

„Има интерес за возење на пловните објекти, најзачестени се турите за Свети Наум. Сите се запрепастени од оваа убавина што Господ ни ја дал овде, интересот е сè поголем и поголем“, изјави Димитар Матов-сопственик на компанија за превоз на патници.

Најголем интерес за пловење пројавуваат холандските и англиските туристи, вели Матов, но езерските тури се привлечни и за другите гости.

 

Сашо Нелоски