Се одржува 60-то издание на манифестацијата „Галичка свадба“
Денеска во Галичник весело и раздвижено. Се одржува 60-то издание на манифестацијата „Галичка свадба“. Илјадници посетители од земјава и од странство имаат можност да уживаат во автентичните свадбарски обичаи. Зетот Оливер Андреевски и невеста Елисавета Булоска подготвени да го кажат судбоносното да...

И оваа година преубавиот Галичник, лоциран на живописните предели на планината Бистра, е домаќин на традиционалната „Галичка свадба“.
Во центарот на вниманието на најпознатата македонска свадба годинава се невестата Елисавета Булоска и младоженецот Оливер Андреевски, кој по потекло е од Галичник.
Како и секоја година, почетокот на годинешната „Галичка свадба“ беше означен в сабота, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот. Венчавањето на младенците се одржа во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
И оваа година институционален покровител на „Галичка свадба“ е Претседателот Стево Пендаровски, а Министерството за култура обезбеди финансиска поддршка за нејзиното одржување.
Галичката свадба е културно наследство кое зборува за историјата и културата на македонскиот народ. Препознавајќи го значењето на манифестацијата и на галичките свадбени обичаи на мијачкиот крај, а и на македонскиот народ воопшто, со Институтот за фолклор се работи на елаборат со кој за првпат оваа уникатна жива традиција ќе ја добие заслужената институционална заштита.
„На овој начин ќе се заштитат од заборав уникатните обичаи, кои го претставуваат битот на македонскиот народ и се потсетник на едно друго време, начин на живот, ниво на култура и свест што не смее да се заборави“, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Благородна е мисијата да се негува, одржува и збогатува традицијата на уникатниот галички свадбен обред, кој е значаен дел од нашето богато национално културно наследство.Пповеќевековната традиција, ги одразува нашите вредности како народ.
Александра Спировска
