Нема поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за солидарниот данок
Нема поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за солидарниот данок. Тие сметаат дека парите кои ќе се инкасираат во Буџетот од оваа даночна реформа ќе бидат за покривање на кусокот настанат по раскинатите договори како последица на неодговорното владеење на СДСМ и ДУИ. Говорниците на партиската трибина сметаат дека зголемувањето на даноците во овој момент ќе значи и зголемување на инфлацијата, од што најголема штета ќе трпат граѓаните и компаниите...

ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи солидарниот данок и да го гласа законот со кој, како што велат, една група граѓани се товари да плаќа пари за да може власта да си ги полни џебовите пред избори. Од партијата на Мицкоски уште еднаш порачаа дека се против ова решение за кое сметаат – ако се имплементира, во Буџетот ќе донесе 90 милиони евра. Според нив, тоа се парите со кои власта сака да ги покрие дупките настанати од казнените пенали за раскинатите договори како оние за изградба на Клиничките центри во Скопје и во Штип, надзорот на коридорите, издадената и повлечена еврообврзница.
Социјалдемократите го укинаа рамниот данок, прогресивниот го ставија во мирување, па го укинаа. Сега во сила е данокот што го донесе ВМРО-ДПМНЕ, затоа што се покажа како успешен, велат од партијата.
Пратеникот Дејанчо Ефтимов истакна дека во државата постои правна несигурност поради што околу 7 илјади фирми годишно се затвораат. Тој вели дека Фондот за иновации исплаќа големи суми на фирми блиски до СДСМ и ДУИ за наводни иновации од кои нема никаква додадена вредност.
На партиската трибина беше посочено дека економските политики што ги спроведува власта се тежок удар за граѓаните и компаниите, а зголемувањето на даноците ќе придонесе за раст на инфлаторската спирала.
Анита Димитријевска Велковска
