Добрососедство

Заедничка наплата на патарини со Србија

16.07.2023 16:13

Државјаните на Македонија и Србија со еден електронски уред ќе можат без запирање, брзо и непречено да ги поминуваат патарините во двете држави. Системот е инициран од иницијативата „Отворен Балкан“, која според премиерите Ковачевски и Брнабиќ веќе дава значајни резултати, особено при трговската размена. Целта е да се намали метежот, но и олесни трговијата...

Почна да функционира заедничката наплата на патарините во Македонија и Србија. Државјаните на двете земји со еден М-ТАГ уред ќе ги поминуваат патарините брзо и непречено, без запирање. Системот кој е инициран од иницијативата „Отворен Балкан“, во присуство на министрите од своите влади, на наплатната рампа во Прешево, до границата со Македонија, го промивираа премиерите Ковачевски и Брнабиќ. Ковачевски ја посочи важноста на соработката со Србија. Истакна дека е зголемена трговската размена, а ќе се овозможи и единствен софтвер за пазарот на труд без административни процедури кои денес траат до три месеци.

„Благодарение на оваа иницијатива трговската размена меѓу 2-те држави е зголемена над 25% од нашата страна на 50% е зголемен извозот кон Србија. Исто така и од Србија е зголемен извозот кон Северна Македонија“, рече Ковачевски.

Српската премиерка нагласи дека во рамки на „Отворен Балкан“ интензивно се работи на меѓусебно поврзување и подобрување на условите за трговска размена.  Потсети дека е завршено проширување на лентите на граничниот премин Прешево-Табановце. 

„Ние гледаме огромно зголемување на меѓусебната стокова размена благодарение на иницијативата Отворен Балкан. Во 2022 година ние имаме нешто под една милијарда евра стокова размена со Македонија“, истакна Брнабиќ.

Уредот засега може да се користи само за патнички сообраќај, а веќе од следниот петок ќе биде овозможено и за камионите. 

„Таг системот и електронската наплата на патарина во Македонија оди напред, над 30 проценти наплата на нашите патарини“, дополни министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

„Од кај нас дневно во Македонија поминуваат околу 7.000 автомобили и од голема важност е да имаме отворен таг“, истакна Горан Весиќ, министер за транспорт на Република Србија.

Тагот се поставува на предното ветробранско стакло. Системот го чита од далечина и функционира без запирање на возилото.

Проектот беше инициран во рамки на Отворен Балкан, во кој дел се Македонија, Србија и Албанија. Во тек се преговори за приклучување и на Грција, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

 

Елена Георгиевска