Македонија

Почна кампањата „Здрав оброк за секое дете“

17.07.2023 12:00

Преку кампања, Министерствата за труд и социјална политика и за земјоделство ги мотивираат децата да се хранат здраво. Секоја недела, секое дете од градинките, до крајот на годината ќе добива по еден килограм овошје...

Салати од јаболка, сливи, кајсии, праски – децата од градинката „Кочо Рацин“ во Скопје сечкаа и јадеа овошје одгледувано во македонските овоштарници. Имаше и цеден сок. Преку кампања, Министерствата за труд и социјална политика и за земјоделство ги мотивираат децата да се хранат здраво. Секоја недела, секое дете од градинките, до крајот на годината ќе добива по еден килограм овошје.

„Нашите планови се од следната година освен овошје да се откупува и зеленчук, а крајната цел ни е да се откупуваат и млеко и млечни производи од македонско потекло. Освен децата од градинките и училиштата, ќе го прошириме опсегот и ќе ги опфатиме болниците, армијата и сите установи кои согласно законот можат и преку оваа програма со домашни средства, со домашни производи да набавуваат локални домашни производи“, изјави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Опфатени се 38 илјади дечиња од целата држава. За два дена ќе бидат поделени околу 90 илјади килограми кајсии.

„Преку работилници, преку учење на здрави навики, преку дружба и цртање го почнуваме овој проект. Истиот е за поздравување. Ние како општина сме се залагале и ќе се залагаме за поттикнување здрави навики од мали нозе кај нашите дечиња“, изјави Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во градинките е направена измена на правилникот, со што се предвидува повеќе свежо овошје и зеленчук и разновидна листа на јадења. Годинава за проектот „Здрав оброк за секое дете“ се издвоени 40 милиони денари.

 

Андријана Ѓурческа