Руско - украински конфликт

Кримскиот мост бил нападнал со два поморски дрона, тврди Русија

17.07.2023 12:53

Експлозии на Кримскиот мост. Од Москва директни обвинувања за Украина за терористички напад. Од Киев молк...

Русија ја обвини Украина за нападот врз Кримскиот мост што ја поврзува земјата со анектираниот полуостров. Во експлозијата загинал брачен пар, а нивната 14-годишна ќерка е повредена и е надвор од животна опасност. Според Кремљ, станува збор за терористички акт, а како што тврди Москва, одлуката за нападот била донесена со учество на американски и британски разузнавачки агенции. Мостот беше затворен за сообраќај.

„Во врска со оштетувањето на мостот на Крим, Истражниот комитет на Русија покрена кривична постапка според кривичниот законик на Руската Федерација, ноќта меѓу 16-ти и 17-ти јули, како резултат на терористички акт извршен од украинските специјални служби, оштетен е еден од делниците на мостот на Крим. Загинаа двајца цивили, маж и жена“, изјави Светлана Петренко, портпарол на рускиот Истражен комитет.

Портпаролот на Кремљ, Песков, вели дека властите знаат кој и зошто го извршил нападот. Најави и контраодговор.

„Свесни сме за подмолниот режим во Киев, а денес режимот уби младо семејство. Родителите на девојчето се убиени, девојчето е рането на мостот на Крим и за тоа мора да се зборува за да можат сите да слушнат. Русија решително ќе се бори против нешто слично да не се случи повторно“, изјави Песков.

Рускиот Национален антитерористички комитет соопшти дека мостот бил нападнал со два поморски дрона. Локалните жители слушнале експлозии пред зори.

„Од сите гости и жители на Крим се бара да го користат копнениот коридор преку новите региони на руската федерација“, посочи Сергеј Аксјонов, гувернер на Крим поставен од Русија.

„Ќе биде обезбедена сета потребна помош. Ги замолуваме нашите гости да престојуваат во вашите хотели и санаториуми до дополнителни информации“, порача Вадим Волченко, министер за туризам на Република Крим.

Службата за безбедност на Украина кусо коментира дека по победата ќе ги откри сите детали за нападот на кримскиот мост. Советникот на Зеленски, Михајло Подољак порача, секоја нелегална структура има краток животен век. Ова не е прв напад врз кримскиот мост. Во меѓувреме, Кремљ соопшти дека договорот за извоз на украинско жито преку црно море престанал да важи и нема да биде продолжен зошто не бил исполнет делот што го бара Москва. На истокот на Украина се водат жестоки борби. За ситуација ќе разговара и советот за безбедност на Обединетите нации.

Марина Ристова