Македонија

Зголемена фреквенција на возила на Табановце

17.07.2023 13:52

И покрај електронската наплата на патарините меѓу Sрбија и Mакедонија, метежот од возила не е намален на „Tабановце“, најфреквентниот граничен премин во земјава. Иако функционираат дури седум ленти, речиси преку цел ден може да се забележат колони возила…

Зголемена фреквенција на патници и оваа летна сезона е регистрирана на најфреквентниот граничен премин во земјава, Табановце. Најголем метеж има за викендите. За влез во земјава вообичаено најмногу се чека од два часот по полноќ до попладне, додека за излез од државата најголема е фреквенцијата до 12 часот. Од петок викендов до осум часот утринава информираат надлежните на овој премин од соседна Србија влегле над 140.000 лица, повеќе странски државјани.

Метеж на граничниот премин Табановце може да се забележи иако во моментов функционираат дури седум ленти за патнички сообраќај, две за товарни возила и една за автобуси.

Патниците и оние од соседните земји и оние од подалеку, утринава чекаа одреден период за влез. Некои имаа забелешки дека се чека подолго, други пак задоволни велат во соседството се чека многу повеќе.

Во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ неодамна се изврши и проширување на пристапните патишта на граничниот премин Прешево-Табановце, при што беа опфатени и двете страни. Целта е да се намали метежот на границите, но и да се олесни трговијата меѓу двете земји. Се реализираа и мерки за намалување на времето за спроведување на царинските формалности. Најновата мерка која започна да функционира е заедничката наплата на патарините во Македонија и Србија. Државјаните на двете земји со еден М-ТАГ уред ќе ги поминуваат патарините брзо и непречено, без запирање.

Елена Георгиевска