Култура

Фондацијата „Славко Јаневски“ реагира на малата финансиска поддршка за проектот „Роман на годината“

17.07.2023 14:33

Доделувањето на наградата „Роман на годината“ доведено на раб на финансиска одржливост. Од Фондацијата „Славко Јаневски“ се жалат дека Министерството за култура одобрило едвај 56 илјади денари, иако самата награда е во вредност од 150 илјади, без другите трошоци. Оваа сума е петпати помала од тоа што го добиле претходната година...

Министерството за култура годинава ќе издвои пет пати помалку пари за наградата „Роман на годината“ за 2022-ра година, којашто ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Ако лани биле дадени над 280 илјади денари, сега има едвај 56.000 денари. Фондацијата, чијашто жалба до второстепена комисија била одбиена како неоснована, се жали дека со овие средства не може да се покријат ниту најосновните трошоци.

Од 2005-та година паричниот износ на наградата е 150.000 денари.

Наградата „Роман на годината“ досега е доделена 24 пати. Кога требаше да биде јубилеј, организаторите велат дека се доведени во ситуација да прават натчовечки напори да не дозволат традицијата да згасне.

 

Наташа Јанчиќ Менковски