Земјава во портокалова фаза и во следните 10 дена
Мерките и препораките за заштита на граѓаните од високите температури остануваат во сила. Портокалова фаза и во следните 10-тина дена. Забрана за движење и во шумите…

Земјава со пеколни температури во портокалова фаза. Владата донесе одлука до 25-ти јули да ги продолжи мерките и препораките за заштита на граѓаните. Бремените и луѓето постари од 60 години се ослободени од работа. 30 работодавачи се казнети за непочитување на мерките. Во меѓувреме, донесена е и забрана за движење низ шумите и националните заштитени подрачја. На водно може да се оди, ама има контроли.
Шумските патеки на Водно им стојат на располагање на скопјани за бегство од летната жега, но редовно ќе се контролира овој потег. Од друга страна, пак, стапи во сила забраната за движење во заштитените подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер. Оваа забрана се изрекува секоја година како превентивна мерка за спречување пожари.
Метеоролозите предупредуваат дека портокаловата фаза во која се наоѓа државава ќе продолжи и наредните 10-тина дена. Тоа значи дека граѓаните може да очекуваат многу високи температура и многу топло време и затоа е неопходно да ги почитуваат препораките за заштита.
Носење на лесна и светла облека, конзумација на течности и избегнување прошетки на отворено во најтоплите часови се препораките на лекарите.
Од Црвениот крст оценуваат дека граѓаните одговорно се однесуваат и ги следат насоките за заштита на здравјето.
До 25-ти јули ќе бидат во сила владините препораки за ослободување од работа на бремените жени и работниците над 60 години. Исто така се препорачува избегнување престој на отворено од 11 до 17 часот, посебно за градежниците и децата во градинките. За непочитување на мерките, трудовата инспекција досега на 30 работодавачи им изрекла забрана за вршење дејност.
Анита Димитријевска Велковска
