Првата пратка помош за Србија на пат кон настраданите
Првата пратка помош во стока од Македонија се упати кон соседна Србија. На двата камиони ќе им се придружат уште два на царинскиот терминал и еден од УСЈЕ.

Пет шлепери и неколку тони во храна и облека се дел од помошта за настраданите во поплавите во Србија.
До сега е собрана помош од 240 тони стока во храна, вода, хигиенски прибор, постелнина, облека и други намирници. А преку телефонските броеви речиси 125 илјади евра. На собирните пунктови врие како во кошница. 80 волонтери се ставени на располагање.
„Ги растовараме камионите кои простигнуваат, а средствата ги сортираме, има храна, облека хигиенски средства“, велат волонтерите. Додаваат дека има волонтери кои самоиницијативно доаѓаат тука и помагаат.
„Растовараме, ги препакуваме пакетите кои ги доставија граѓаните, со цел да има хигиенски и пакети со храна кои ќе содржат од се по малце за едно семејство“, вели друг волонтер.
Надлежните повикаа да не се донира облека бидејќи во поплавените подрачја луѓето имаат потреба од други продукти.
„Апелиарам до граѓаните да доставуват конзервирана храна, вода, или хигиенски средства, бидејќи во моментот тоа е најопходно“, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
„Најлесен начин да се помогне во моментов на настраданите е да се јавите на телефонските броеви за помош, секако секоја помош е добредојдена“, вели генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити.
Македонски железници испраќаат 2 контињери со 25 илјади литри вода, а Тинекс маркетите и неколку други компании најавија дека ќе упатат во Србија 10 шлепери вода. Со 3 милиони денари помош се приклучи и Македонската Православна Црква.
Препознатлива по солидарноста и хуманоста земјава испрати припадници на единицата Тигри, алпинисти и нуркачки во Босна и Херцеговина и 15 други, специјално обучени за спасување и извлекување во Србија, транспортен хеликоптер противпожарни коли, пумпи, лекови, чамци и друго.
ЕЛЕМ дневно испорачува за Србија 80 мегавати на час, а им се на располагање и екипи на ЕЛЕМ и на водовод. Ќе следува и пратката од 60 тони стока за Босна и Херцеговина.
Фиљана Кока
