Владата денеска ќе ја преиспитува одлуката за спојување на концесиите за рудникот Иловица-Штука
Министерот за економија Крешник Бектеши, треба да даде поопширна информација за натамошната постапка...

Владата денеска на седница ќе ја преиспитува одлуката за спојување на концесиите за рудникот Иловица-Штука. Министерот за економија Крешник Бектеши, треба да даде поопширна информација за натамошната постапка.
Претходно, со блокирање на централната градска крстосница во Струмица, активисти и граѓани го искажаа своето незадоволство од одлуките на судовите и владата за спојување на концесиите за експлоатација на минерални суровини на локалитети во општините Босилово и Ново Село. Беше испратена пораката дека во ниту еден момент никој не смее да помисли дека е можно отворање рудник во струмичко.
Премиерот Ковачевски го повтори ставот на партијата и на Владата, дека ако граѓаните не сакаат, рудник нема да има. Според него, концесиите се дадени во времето на ВМРО-ДПМНЕ, во 2012-та и 2013-та година. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност и оставки на министри поради спојувањето на концесијата за рудникот.
Реагираше и компанијата на „Еуромакс ресоурцес“ која порача дека само со конструктивен дијалог и стручно презентирање на фактите сите загрижености ќе бидат соодветно адресирани.
