Руско - украински конфликт

Кирби: Русија да ја повлече одлуката за блокада на украинските пристаништа

18.07.2023 12:24

Обединетите нации, ЕУ, САД и Велика Британија бараат Русија да ја повлечена одлуката со која го стопираше го договорот за извоз на жито. Од Кремљ се децидни, Иницијативата за црноморско жито ќе биде суспендирана додека не се исполнат барањата за доставување руска храна и ѓубрива во светот...

Не стивнуваат реакциите од меѓународната заедница откако Русија го стопираше договорот за извоз на жито. Обединетите нации, ЕУ, САД и Велика Британија бараат одлуката да биде повлечена.

„Одлуката на Русија да продолжи со нејзината ефективна блокада на украинските пристаништа и да го спречи житото да стигне до пазарите ќе им наштети на луѓето во светот. Русија ќе биде целосно и единствена одговорна за последиците од овој воен чин на агресија. Ја повикуваме владата на Русија веднаш да ја повлече својата одлука“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.

Од Кремљ се децидни, Иницијативата за црноморско жито ќе биде суспендирана додека не се исполнат барањата за доставување руска храна и ѓубрива во светот.

„Русија ги исполни своите обврски и го продолжи договорот неколку пати, и покрај тоа што условите во однос на Русија не беа спроведени. Високо ја цениме улогата на Гутереш во склучувањето на договорот, неговите напори во обидот да ги убеди европските земји да ги исполнат своите обврски. Но, тоа не се случи“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Украинскиот министер за надворешни работи Кулеба, прекинот на договорот го опиша како неодговорен потег што ја загрозува глобалната безбедност на храната.

„Русија го прави тоа додека го зголемува сопствениот извоз на глобалните пазари. Одржавме многу разговори, вклучително и со генералниот секретар Гутереш, за тоа како да продолжиме понатаму бидејќи мора да функционираат поморскиот и копнениот коридор, за извоз на украински житни култури на глобалниот пазар“, изјави украинскиот министерот за надворешни работи, Дмитро Кулеба.

Русија тврди дека во раните утрински часови спречила напад со 28 украински беспилотни летала на Крим. Воздушната одбрана уништила 17 беспилотни летала, а 11 биле пресретнати. Инцидентот следува ден по нападот на мостот Керч на Крим, што предизвика сериозно оштетување, и го прекина патничкиот сообраќај меѓу полуостровот и јужниот дел на Русија. Претседателот Путин вети одговор на нападите.

„Она што се случи е уште еден терористички чин на режимот во Киев. Ова злосторство е бесмислено од воена гледна точка, нема никакво значење, бидејќи мостот на Крим долго време не се користи за воен транспорт. Невини цивили беа повредени и убиени. Секако, ќе има одговор од Русија. Министерството за одбрана подготвува соодветни предлози“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

На фронтот и натаму се водат жестоки битки. Киев известува за комплицирана ситуација во борбите во источна Украина и успех во делови од југот на земјата.

Маријана Димовска