Критично во Хрватска и БиХ
Расте бројот на жртвите во поплавените подрачја на територијата на Хрватска и Босна и Херцеговина.

Жителите се борат со водната стихија. Високиот водостој ги отежнува спасувачките акции по исчезнатите. Состојбата и натаму е драматична.
„Јас сум овде со моите две деца, но мојот сопруг е во Нијемци. Тој замина после нас. Ние заминавме околу 13:30, а маж ми тргна подоцна вечерта“, вели една жена.
„Бевме на таванот па потоа за да се спасиме се симнавме на вториот кат. Излегоме преку прозор и војската ни помогна да се спасиме... Неколку дена се бориме со водата, работиме деноноќно. Но мора да ги спасиме луѓето и домовите... Многу е тешко. За неколку дена сум спиел само 10 часа. Мора да направиме брани за да се заштитиме...“ велат загрозените граѓани од поплавите.
Ситуацијата е најкритична во жупанијата Посавина, каде што кризниот штаб нареди присилна евакуација на населението. Во неколку општини по течението на Сава е прогласена вонредна состојба.Нема струја, мобилните телефони се во прекин,а луѓето намаат ниту вода за пиење ниту храна. Од Вуковарско-сремската жупанија се евакуирани околу 2.300 луѓе.Во Славонски Брод браната е пробиена на неколку места.
„Имаме доволно чамци и транспортери со кои може да ги евакуираме луѓето што се заробени“, изјави мајор Драгутин Репинац.
Состојбата е алармантна и од другата сртана на Сава, во Босна и Херцеговина. Таму досега во поплавите загинаа повеќе од 20 лица, а значително поголем е бројот на исчезнати. Целосно се поплавени босанскиот дел од Посавина и дел од Семберија. Во Добој населението се евакуира со хеликоптери.
Војската и пилоцијата се обидуваат да го спречат дополнителното излевање на Сава. На удар се Брчко и Орешац.
Премиерот Груевски во телефонски разговор со претседавачот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ понуди помош и поддршка.
„БИХ може да смета на Македонија, покрај храна, вода и лекови, Македонија ќе даде и финансиска помош“, истакнал Груевски.
Марија Петковска
