Македонија

Концесиите за „Иловица“ на маса

18.07.2023 13:59

Ковачевски досега неколкупати го повтори ставот дека ако граѓаните не сакаат рудник, нема да има. Минатата недела граѓаните со транспаренти во рака, ја повикаа Владата да ја повлече одлуката за концесиите на рудникот во струмичко...

Не стивнуваат партиските обвинувања кој ја дал концесијата за рудникот „Иловица“ и кој не ја зборува вистината. Од СДСМ обвинуваат дека во време на зенитот на режимот, ДПМНЕ и Никола Груевски дадоа концесии за рудникот „Иловица“, но и други 85 концесии за рудници низ целата држава.

Одлуката пак, за рудникот „Иловица“ е донесена на 16 јуни 2012 година, потпишана од соработникот на Мицкоски, Зоран Ставревски и објавена во „Службен весник“, истиот месец 2012 година. Истата година општините Босилово и Ново Село, во тоа време раководени од градоначалници од ДПМНЕ, носат одлуки за отворање рудник, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, реагираат дека СДСМ и ДУИ подолго време го планираат отворањето на рудникот „Иловица“. Според сите дејствија што ги направила Владата, наместо светски реномирани компании за ископ и трговија на метали, „Иловица“,  треба да биде управувана од фирмите на семејството Дестани, кое е блиско до ДУИ, децидни се од опозициската партија.

Според претходните најави на министрите, точка на дневен ред на владината седница треба да биде „Иловица“. Од Министерството за економија, информираа дека министерот Крешник Бектеши, утре ќе одржи прес-конференција на која ќе одговори на сите прашања поврзани со концесијата во „Иловица“.

 

Наташа Јанчиќ Менковски