Куманово

Воз удрил автомобил на преминот кај кумановско Романовце

18.07.2023 15:16

Помлада кумановка е повредена откако локомотива удрила во возилото што го управувала. Несреќата се случила на преминот кај кумановско Романовце. Жителите на ова село подолг период бараат да се подобри инфраструктурата. Досега на истото место се случија неколку незгоди. Во дел од нив имаше и жртви...

Дваесет и осумгодишна кумановка е повредена во незгода којашто се случи на железничкиот премин во село Романовце, кумановско, кога во нејзиниот автомобил удрила локомотива. По незгодата била пренесена во Општа болница Куманово, каде и се констатирани телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од кумановската полицијата. Ова не е прва незгодата во Романовце. Изминатите години во некои имаше и жртви.

На централниот премин на железничката пруга во село Романовце секојдневно поминуваат и деца. За жал пред некоја година настрада и едно детенце.

Жителите на Романовце бараат да се подобри инфраструктурата. Да се постават рампи. Звучните сигнали не секогаш работат, дополнителен проблем е местоположбата на самиот премин и објектот покрај пругата кој го затвора погледот. Велат со страв ги пуштаме децата кога поминуваат.

„Беше на гости, среќа што ги остави двете деца, ја удри токму на овој пат. Беше младо девојче но се среќа не бидна ништо. Задниот дел на возилото беше целосно уништен“, вели еден жител на с. Романовце, кумановско.

„Сите поминуваме, без рампа сигналот не помага. Сонцето паѓа незгодно кога оди човек не може да го види, овде повеќе вредат пари околу човек. Доаѓаат и од странство луѓе, деца одат на училиште мали не разбираат“, дополнува друг мештанин.

Во близина на шините во Романовце, сè уште стојат и хаварисани вагони, од товарниот воз кој се излизга пред неколку години.

Од Македонски Железници велат дека е обезбедено највисоко ниво на сигурносна опрема, светлосна и звучна сигнализација. Појаснуваат дека постои простор за подобрување, но тоа е врзано со обезбедување финансиски средства.

Елена Георгиевска