Велес

Жителите на Росоман и Градско со часови без вода за пиење

18.07.2023 14:40

Поради зголемената потрошувачка на вода, населбите росоман и градско без вода за пиење, воведени рестрикции. Причина е што водата за пиење се користи за поливање на градините и дворовите, откако технолошката вода поради хаварија на системот „Макарија“ не се дистрибуира од 27 мај...

На 40 степени под сенка, жителите на Росоман се без вода за пиење. Поради енормно големата потрошувачка, ЈП воведе редукции во водоснабдувањето. За одделени делови од населбата, која брои три илјади жители, тие се по 12 часа, од 9 до 21 ч.

Причина за зголемената потрошувачка е што одделени граѓани водата за пиење ја користат за поливање на дворовите, градините. До ова дојде, откако технолошката вода која се користеше за таа намена, не доаѓа во Росоман и околните населени места, бидејќи хидросистемот „Макарија“ кој ги снабдуваше со вода за поливање доживеа хаварија на 27 мај.

Идентичен проблем имаат и жителите на населба Градско. И таму поради дефект на кракот од хидросистемот „Макарија“ нема технолошка вода за поливање, па таа што е за пиење се користи за наводнување. Поради тоа жителите се со часови без вода за пиење а селото Уланци мештаните велат било пет дена без капка вода.

 

Петар Печков