ММФ со позитивни оценки за македонската економија
Шефицата на мисијата на ММФ, Ивана Владкова Холар смета дека економскиот раст од 3,5% годинава е реално остварлив...
Засилен економски раст, поттикнат од порастот на платите во јавниот сектор и пензиите, како и зголемување на јавните и приватните инвестиции. Ова е оценката на ММФ по две неделниот мониторинг на македонската економија. Шефицата на мисијата, Ивана Владкова Холар смета дека економскиот раст од 3,5% годинава е реално остварлив.
„Надворешната побарувачка е зајакната годинава. Одредени клучни глобални ризици не се пренесуваат во македонската економија. Но, шоковите на цените на стоките посебно на нафтата би можеле да влијаат врз билансот на плаќање и врз позицијата на девизните резерви. Забавениот пораст во напредните економии во Западна Европа е клучен ризик и во наредниот период и на среден рок“, изјави Холар.
Проценката на Владата е идентична со онаа на ММФ. Министерот за финансии, изјави дека Владата продолжува да ги реализира сите најавени капитални инвестиции како што се изградбата на автопатите со цел да се засили економијата. Во наредниот период Ставрески најави и влез на 10-тина странски инвестиции кои ќе отворат нови работни места.
„Македонската економија има добар тренд на пораст. Минатата 2013-та ја завршивме со 3,1 процент, а за годината очекувањата се дека тој ќе стигне до 3,5 проценти, што е пoдобро од првично проектираното со Буџетот од 3,2 проценти. Порастот ќе биде добро избалансиран меѓу инвестициите и потрошувачката. Инвестициите главно ќе бидат поддржани со крупните инфраструктурни проекти, а зголемувањето на платите во јавната администрација и пензиите ќе ја ќе ја стабиизираат личната потрошувачка и тоа ќе биде основа за поизбалансиран раст во текот на оваа и следните години“, истакна вицепремиерот Ставрески.
Буџетскиот дефицит ќе се финансира со комбинација на домашно и надворешно задолжување. ММФ оценува дека монетарната политика ќе продолжи да се фокусира на стабилноста на девизниот курс на денарот. Народната банка очекува раст на девизните резерви.
„Нашите оценки во наредниот период се дека овој стабилен амбиент продолжува. Девизните резерви последните 30 дена веќе имаат тренд на пораст, така што очекуваме да продолжи и во наредниот период, бидејќи доаѓа еден период од сезонски аспект кои ги зголемуваат девизните резерви, нашето видување дека оној пад на девизните резери кој беше очекуван во првиот квартал од годината е зад нас и сега имаме поголем тренд“, изјави гувернерот Димитар Богов.
ММФ очекува и во наредниот период монетарната, заедно со фискалната политика да бидат фокусирани да го одржатфинансискиот сектор стабилен.
Мисијата на ММФ вечерва си заминува од Скопје. Ќе дојде повторно за шест месеци, наесен во редовна посета на Македонија.
Билјана Василева- Трендафилова
