КСС: Наредната година нема да има зголемување на платите, следно би било во 2025 година
Од конфедерацијата на слободни синдикати предупредуваат – наредната година нема да има зголемување на платите, следното би било дури во 2025 година, според нивните пресметки само 3 насто...

Зголемувањето на платите во јавниот сектор ги разедини Синдикатите. Од конфедерацијата на слободни синдикати предупредуваат – наредната година нема да има зголемување на платите, следното би било дури во 2025 година, според нивните пресметки само 3 насто. Не се согласуваат со постигнатиот договор и најавија дека нема да го потпишат.
„Тоа значи дека во 2024 година сите што ја имаат минималната плата согласно законите во јавниот сектор, државната администрација, даватели на услуги, војската итн. тоа ќе биде променето во законот. Минималната плата ќе биде исфрлена и треба да знаат луѓето дека ова покачување е сега, па следното е во 2025 година“, изјави Благоја Ралпковски – претседател на КСС.
Незадоволство има и во делот на усогласување на платата со минималната. Во многу државни институции, личниот доход не бил коригиран. Ги посочија секторите образование и здравство, велат вработените се револтирани, дел земаат неплатен одмор, други ги напуштаат работните места.
„Најголемиот камен на сопнување се образование и здравство. Кај нас усогласувањето на платите не е направено, кај нас земаат под минималната плата до четврта група на сложеност. Има луѓе што земаат 15, 16, 17 илјади плата и тоа најзагрозените групи“, изјави Предраг Серафимовски – претседател на Синдикатот на клинички центар.
По неколку протести и штрајкови Владата и Синдикатите постигнаа договор за 10 насто покачување на платите во јавниот сектор и 10 илјади денари регрес за годишен одмор. Зголемувањето на личниот доход ќе биде со септемвриската плата.
Андријана Ѓурческа
