Потпишан новиот Општ колективен договор
Потпишан Општиот колективен договор, 130 илјади вработени во јавниот сектор од септември со 10 насто повисоки плати. Од ССМ велат се исправи една неправда кон административците, од годинава сите добиваат и регрес за годишен одмор. Од Владата со став – се носат системски решенија што се правични и даваат резултати на долг рок...

130.000 вработени во јавниот сектор од септември ќе добијат плата повисока за 10 насто. Владата и Сојузот на синдикати на Македонија ставија потпис на новиот Општ колективен договор на кој му претходеа 3 годишни преговори. К-15 за прв пат годинава ќе добијат вработените во здравството, образованието, полицијата, армијата кој ќе изнесува 10.000 денари. Владата оцени дека договорот е историски успех, бидејќи системски се утврдува методологијата за растот на платата, се подобрува услугата за граѓаните и нема да има политички манипулации за покачувањето на платите. Од ССМ задоволни од договореното, велат ова е победа за работниците.
3 милијарди денари ќе чини растот на платите во јавниот сектор пресмета првиот финансиер Бесими. Тврди дека зголемувањето нема дополнително да го оптовари буџетот, бидејќи парите ќе се обезбедат со ребаланс на буџетот.
Со договорот се предвидува новата методологија за пресметка на плати да започне од март 2025 година. Дополнително платата во јавниот сектор ќе расте доколку има зголемување на инфлацијата, работниците ќе имаат јубилејна награда, а од 2024-тата исплатата на К-15 ќе биде најмалку 30 отсто од висината на просечната плата во изминатата година. Од Сојузот на синдикати успехот од потпишаниот договор му го посветија на поранешниот претседател Дарко Димовски.
Викторија Милевска
