Влада

Уставните измени поминаа на Влада, документот ќе биде доставен до Собранието

19.07.2023 09:12

Владата го утврди предлогот за пристапување кон измените на Уставот. Документот ќе биде доставен во Собранието. Власта оценува, пред граѓаните и државата е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат...

Владата на вчерашната седница го разгледа и усвои текстот на предлогот за изменување на Уставот и одлучи документот да биде доставен до Собранието. Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го подготви работна група составена од експерти, а интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава. Односно, во формулацијата „граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.

Владата оценува дека пред граѓаните и државата е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030-та година. Очекува конструктивност од сите политички субјекти претставени преку пратениците во парламентот, совесност од сите пратеници и фокус кон постигнување натпартиски консензус при усвојувањето на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската унија – стои во соопштението од владината прес-служба.