Пјонгјанг

Неизвесна судбината на војникот кој премина во Северна Кореја

19.07.2023 13:11

Неизвесна судбината на војникот кој премина во Северна Кореја. Тој вчера ненадејно преминал северно од административната линија. Случаите на Американци или Јужнокорејци да пребегаат во Северна Кореја се ретки...

Американски војник заврши во притвор во Северна Кореја откако илегално ја преминал границата што ја дели земјата со Јужна Кореја. Тој вчера попладне по локално време ненадејно преминал северно од административната линија. Војникот е идентификуван како Тревис Кинг, кој отслужил речиси два месеци во јужнокорејски затвор поради напад и се соочувал со воени дисциплински мерки.

„Она што го знаеме е дека еден од нашите припадници на службата намерно и без овластување, ја премина воената демаркациона линија. Веруваме дека е во притвор и внимателно ја следиме и истражуваме ситуацијата и работиме да ги известиме најблиските на војникот и се ангажираме да го решиме овој инцидент“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.

Случаите на Американци или Јужнокорејци да пребегаат во Северна Кореја се ретки.

„ООН работат заедно за да утврдат повеќе информации и да ја решат оваа ситуација. Го разгледуваме ова и се обидуваме да добиеме повеќе информации. Бевме во контакт со Корејската народна армија како што направи Министерството за одбрана. Јасно е дека има истрага за овој инцидент“, изјави Карин Жан-Пјер, портпарол на Белата куќа.

Северна Кореја не се огласи за невообичаеното влегување на американски војник преку границата, но, тестираше ракети со краток дострел во својот најнов приказ на оружје, само една недела откако лансираше интерконтинентална ракета. Инцидентот се случи среде одново засилените тензии на Корејскиот полуостров, каде што пристигна американска нуклеарна подморница.

 

 

Марина Ристова