Грковска повторно му забележа на Груби
Вицепремиерот Груби не ги слуша опомените на колешката Грковска. Партиската средба на лидерот на ДУИ Ахмети со претставници на „Вајмарската тројка“ се одржала во државните простории во неговото министерство. Грковска ќе го пријави Груби кај шефот на владата Ковачевски. Таа рече дека размислува и за други мерки...

Наместо во седиштето во Мала Речица, лидерот на ДУИ Али Ахмети и функционери од редот на интегративците разговарале со европските гости од „Вајмарската тројка“ во Министерството за политички систем и односи со заедниците, со кое раководи вицепремиерот Артан Груби. Ова не е првпат државни простории да се користат за партиски средби. Груби еднаш веќе беше предупреден од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Таа и овој пат вели дека ќе го разгледа случајот и ќе преземе соодветни мерки. Најави и оти ќе го информира премиерот Ковачевски.
„Сите ние во државата треба да ставаме јасна дистинкција помеѓу тоа што е партиска активност, а што е државна активност, исто така размислувам дали има можност понатаму и за други мерки и реакции, но за тоа кога ќе бидам сигурна и кога ќе одлучам што понатаму“, изјави Славица Грковска, заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење.
Борбата против корупција треба да се насочи и кон извршната власт, независно, дали е на централно или на локално ниво, предупредуваат невладините.
„Ефикасен систем за внатрешна контрола всушност ќе ја олесни работата на правосудните органи бидејќи ќе бидат детектирани неправилностите уште пред тие да ескалираат, односно да имаат негативни ефекти. Во моментов имаме регулатива што ги поддржува овие процеси, но за жал како општество сè уште назадуваме во процесот на имплементација на ваквите политики коишто во системот се веќе долго време“, изјави Виктор Митевски, извршен директор на здружението во истражување и анализи „Змаи“.
По информациите дека американската црна листа ќе се прошири со нови имиња, вицепремиерката Грковска вели оти го очекува тоа со нетрпение, како вовед во понатамошниот процес. Сепак, таа предупреди дека задача на домашните институции е да покажат капацитет за справување со проблемите.
Андријана Ѓурческа
